Антивладини протести во повеќе израелски градови
Нови протести во Израел. Полицијата се судри со демонстрантите кои се противат на одлуката на Врховниот суд да почнат да се пријавуваат за воена служба...

Илјадници ултраортодоксни Евреи во Израел протестираат против регрутирањето во војската. Полицијата се судри со демонстрантите кои се противат на одлуката на Врховниот суд да почнат да се пријавуваат за воена служба. Чуварите на редот употребија водени топови за да ја растераат толпата. Во Израел со децении постои ослободување на ултраортодоксните мажи од задолжителниот воен рок.
„Десетици илјади луѓе недвосмислено изјавуваат дека не се подготвени да се потчинат на каков било диктат“, изјави демонстрант.
Израелската одбрана ги продолжува операциите на северниот и во јужниот дел во близина на Рафах. Нетанјаху вели дека се посветени на борбата додека не ги исполнат сите цели во Појасот Газа.
„Нашите сили дејствуваат насекаде во Појасот Газа. Тоа е тешка борба која се води над земја, понекогаш во битки лице в лице, а се води и под земја. Хамас е единствената пречка за ослободување на нашите заложници. Со комбинација на политички и воен притисок ќе ги вратиме сите“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Регистрирано е повторно појавување на Хамас и други палестински вооружени фракции во северните и централните населби на Газа, неколку месеци по бомбардирањето, велат од израелската армија. За многу Палестинци во енклавата разурната од војна, раселувањето станува секојдневие.
„Ова е четврти пат да сме раселени од една област во друга. Луѓето бегаа и ги оставија своите деца и нивниот багаж, а ние спиевме на улица“, изјави раселен жител.
„Ни рекоа дека е безбедно, но нема безбедност. Тргнуваме, ги собираме работите за да заминеме. Немаме идеја каде треба да одиме. Нема повеќе безбедни места“, изјави раселена жителка од градот Газа.
Тензично и на Западниот Брег откако Израел изврши напад врз бегалски камп во кој биле сместени милитанти. Има жртви и повредени. Хезболах и израелската армија и натаму разменуваат оган во пограничната област со Либан. Ако Израел започне целосна воена агресија, ќе има војна на целосно уништување, предупредија од Иран.
Маријана Димовска
