Примирјето заврши

Украинската армија ги реактивира воените операции против сепаратистите

02.07.2014 12:41

Шестмина загинаа во бомбардирањата врз Краматорск...

Украинската армија ги реактивираше антитерористичките акции во источниот дел од земјата, со што се оконча 10-дневното кревко примирје прекин. Шестмина загинаа во бомбардирањата врз Краматорск, а борби се водат и во Доњецк.                                 

„Украинците не бомбардираат постојано, мислам дека немаше прекин на огнот. Бесмислено е ова што се случува, стрелат кон населени места“, вели Сергеј Давидов, проруски бунтовник.

Рускиот претседател Путин го посочи Порошенко како главна препрека за надминување на конфликтот.

„Многу често не се почитуваат меѓународното право и основните принципи на достоинство. Таков модел застапува Украина. Настаните кои ја предизвикаа кризата датираат одамна. Претседателот Порошенко ја засили војската, а јас и моите европски колеги не успеавме да го разубедиме дека со војна не се стигнува до долготраен мир“, изјави пртседателот на Русија, Владимир Путин.

Според Порошенко, за одбрана на територијалниот интегритет е потребна и дефанзива,  и офанзива. Главен предуслов за почнување на преговори е сите страни во конфликтот да се држат до мировниот план.

„Ќе ја браниме нашата држава. Со непродолжување на прекинот на огнот им одговараме на милитантите и терористите, на оние кои ги нарушија животите на граѓаните.Вооружените сили на Украина, националната гарда нема никогаш да дозволат да се употреби сила против граѓаните“, рече украинскиот преседател Петро Порошенко.

Минатата недела, украинската влада и проруските сепаратисти одржаа мировни преговори со посредство на ОБСЕ. Повторен обид за спроведување на иницијативите за мир ќе биде направен на денешниот состанок  на министри за надворешни работи на Русија, Украина, Германија и Франција што ќе се одржи во Берлин. Страните меѓусебно се обвинуваат, недолжните граѓани гинат.