Бизнис форум во Сеул
Туризмот, автомобилската и ИТ индустријата интересни за јужнокорејските бизнисмени
02.07.2014 13:30
Јужно-корејската бизнис заедница, „тигарот“ на далечниот Исток, дозна за поволностите за инвестирање што ги нуди нашата држава. Автомобилската индустрија, информатичко технолошката и туризмот, заинтересирани за условите што на бизнис форумот во Сеул ги претстави премиерот Никола Груевски. Корејците, како туристи, најбројни во Хрватска, но, Македонија е следната дестинација за нив...

Пред претставници на корејски компании од автомобилската индустрија, информатичко технолошката индустрија и туризмот, премиерот Никола Груевски ги претстави реформите кои се направени за унапредување на бизнис климата. Бизнисмените дознаа за воведените ниски и рамни даноци, инвестициите во образованието за креирање на образована работна сила како и поволностите кои се даваат во технолошко индустриските развојни зони
„Заедно со стопанските комори и со 300 компании ние ги детектиравме најголемиот број на проблеми со кои се соочуваа компаниите, главно од бирократски карактер, и елиминиравме многу од нив, или ги направивме побрзи или поевтини, или пак комбинација од двете, и тоа беше сериозно подобрување на бизнис климата во Македонија“ рече премиерот Груевски пред претставниците на корејските компании од автомобилската индустрија.
Туризмот може да претставува поле на соработка меѓу двете земји вели Ким Грејс, менаџерка на туристичката компанија од Сеул, која има интерес Македонија да биде запознаена од страна на корејските туристи.
„Минатата година Хрватска беше значајна туристичка дестинација за Корејците, многу Корејци престојуваат таму. Многу Корејци може да престојуваат и во Македонија, мислам дека Македонија е убава и пријатна земја и сигурно дека ќе се обидам да стане туристичка дестинација за Корејците“, вели Ким Грејс, менаџер на туристичка компанија.
„Ќе треба време, затоа што Македонија не е позната тука во Кореа, ако организирате вакви настани како денешниот повеќепати, тогаш е можно корејската Влада, компании и народ да пробаат да најдат ново место за инвестиции и мислам дека Македонија е добро место за инвестиции“, истакна претставникот на Корејската бизнис асоцијација, Ким Шонг Конг.
Министерот за финaнсии, Ставрески пред претставниците на корејските компании оцени дека Јужна Кореја е брзо растечка економија и треба да се вложува напор во ваква држава да се презентираат поволностите.
„Беше значајно за првпат една македонска делегација, владина делегација предводена од премиерот Груевски, да дојде овде во Јужна Кореа да ги презентира можностите кои Република Македонија ги нуди на бизнисмените од Кореа, да не запознаат подобро, да слушнат за ниските даноци и за поволната бизнис клима, за можностите да ја користат Македонија за влез на европскиот пазар“, рече Ставрески.
Tрговската размена меѓу двете земји е мала. Лани извозот бил во вредност од 670 илјади американски долари, а сме увзеле стоки вредни 29 милиони долари.
Дијана Ценевска
