Радев го врачи мандатот за формирање на новата бугарска влада
Бугарија добива нова, политичка Влада. Претседателот Румен Радев му го врачи мандатот на Росен Желјазков од најголемата пратеничка група ГЕРБ-СДС. Во новата Влада на Бугарија ќе има 19 министри. Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов рече дека новата влада може да ја понесе одговорноста за да ја внесе земјата во еврозоната...

Откако освои најмногу гласови на последните, шести избори за три години, десно-центристичката ГЕРБ го доби мандатот од бугарскиот претседател Румен Радев. Лидерот на партијата Борисов се откажа од премиерската функција, па довербата за формирање на новата влада ја има неговиот сопартиец Росан Желјзаков.
„Имавме влада која споделува одговорност, за сега имаме влада чија одговорност целосно ќе и припадне на ГЕРБ. Мислам дека тоа ќе биде фер кон гласачите и подготвени сме да го преземеме тој ризик“, изјави Бојко Борисов, претседател на ГЕРБ.
„Ги почитуваме ставовите изнесени од колегите во парламентот. Сметаме дека сериозните политичари, кога ќе ја донесат и изразат својата политичка одлука, ќе се држат до неа. Затоа го претставивме овој кабинет“, изјави Росен Желјзаков, мандатар.
Претседателот Радев при врачувањето на мандатот изрази загриженост од поделбата во парламентот и неподготвеноста на мнозинството бугарски граѓани да земат учество во изборите.
„Ова е огромна одговорност и тест. Со оглед на високо фрагментираниот парламент, како и одлуката на мнозинството бугарски граѓани да не учествуваат на изборите, неминовно влијае на легитимитетот на институциите. Знаете дека со Уставот е определен рок за спроведување на мандатот“, изјави Румен Радев, претседател на Бугарија.
Останува загриженоста во Бугарија од заморот на гласачите по големото разочарување во бугарските политичари кои не успеаја да ги исполнат ветувањата за борба против корупцијата и воведување реформи во државата, што шести пат по ред резултира со мал одѕив на изборите и нов фрагментиран парламент. И овој пат, со освоени 68 пратенички мандати, новата влада предводена од ГЕРБ има минимална шанса да го добие потребното мнозинство во народното собрание. Партијата „Продолжуваме со промените“, не прифати коалиција со ГЕРБ, ниту, пак, експертска влада, каква што предлагаше Борисов. Доколку не успее обидот на ГЕРБ да формира влада, Бугарите во септември одат на нови парламентарни избори.
Маја Стојанова
