Од денеска струјата по нова, минимално зголемена цена
Од денеска електричните броила вртат по нова, повисока цена. Сметките на домаќинствата и на малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар, за најголем дел до крајот на годинава ќе бидат повисоки за 0,4 отсто. Во првиот блок нема промена, во вториот блок има зголемување од 0,85 проценти, во третиот за 1,92 проценти и во четвртиот блок за 1,88 проценти. Поскапува и евтината струја за 0,65 проценти…

Од денеска граѓаните ќе плаќаат минимално, но поскапа струја. Сметките ќе бидат повисоки за 0,4%. Граѓаните велат дека секое поскапување е дополнителен трошок за семејниот буџет, особено за оние со ниски примања.
Одлуката за новата цена на струјата ја донесе Регулаторната комисија за енергетика. Експертите сметаат дека поскапувањето не е страшно, но за граѓаните, сепак, е товар повеќе.
„Цената е и економска и социјална категорија. Населението во Македонија е претежно со пониски примања и мора државата да се грижи цената на електричната енергија да биде прифатлива за нив. Економската категорија тука е второстепена“, вели универзитетскиот професор Ристо Цицонков.
На тендерот што го распиша универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ беше прифатена цената од ЕСМ од 60 евра за мегават час и за покривање на 85% од потребите на регулираниот пазар, а за останатите 15% беа пристигнати три понуди, но ниедна не беше прифатена оти цените биле повисоки од пазарните.
Цената на струјата ќе важи до крајот на годинава.
Борис Грујоски
