Политика

Реакции по внатрепартиските избори на СДСМ

01.07.2024 14:21

Венко Филипче е избран за нов лидер на СДСМ. Најави реформи, реорганизација и обнова на партијата. Но, неговите противкандидати имаат забелешки за процесот. Тврдат дека на многу членови не им било дозволено да гласаат, а дел отидоа дотаму па тврдат дека партијата е заробена...

Еден приговор пристигна на адреса на Централната изборна комисија по гласањето за нов лидер на социјалдемократите. Го поднесе кандидатот Јован Деспотовски, кој укажа дека на голем број членови не им било дозволено да гласаат. Од Комисијата тврдат дека не биле многу, туку педесетина, а поголемиот дел од нив немале акредитации.

Според Деспотовски, претседател не може да се избере со 9.000 гласови, а при тоа на 10.000 луѓе да не им се овозможи да гласаат.

Новиот шеф на „Бихачка“ најави консолидирање на СДСМ, како и обединување околу социјалдемократските вредности за да се врати довербата на членството.

Честитка за изборот упати и премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, кој на Филипче му посака успешна работа.

На партиските избори за претседател, за Филипче гласаа повеќе од 9.000 социјалдемократи. Кандидатката Славјанка Петровска која се откажа од трката коментира – се боревме против заробена држава, добивме заробена партија.

 

Анита Димитријевска – Велковска