Нетанјаху: Израел е блиску до елиминација на Хамас
Американскиот државен секретар Блинкен и натаму се надева дека предлогот за прекин на огнот сè уште е остварлив...

Израел е блиску до елиминација на Хамас, тврди премиерот Нетанјаху. Ја потврди посветеноста на владата дека ќе ги уништи воените и управувачките способности на милитантната група со надеж оти нападот од 7 октомври никогаш нема да се повтори.
„Видов големи достигнувања во борбите што се водат во Рафах. Се ближиме до крајот на фазата на елиминација на Хамас. Ќе има продолжетоци во нападите врз неговите остатоци“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Американскиот државен секретар Блинкен и натаму се надева дека предлогот за прекин на огнот сè уште е остварлив.
„Предлогот што го даде претседателот Бајден е остварлив. Видовме дека речиси целиот свет даде поддршка на тој предлог. Земја по земја се крева и вели да, ние го поддржуваме ова. Ова е патот напред. Ова е начин да се заврши, конфликтот во Газа. Ова е пат кон потрајна безбедност, потраен мир, подобра иднина за Палестинците, за Израелците и всушност за целиот регион“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Во меѓувреме, Стејт департментот реагира на најновите воени потези во Газа, откако израелската армија нареди масовна евакуација на Палестинците од источниот дел на Канјунис кој е полн со раселени цивили.
