Свет

САД: Поранешните претседатели имаат имунитет од кривично гонење

02.07.2024 09:41

Врховниот суд на САД реши, поранешните претседатели имаат имунитет од кривично гонење за дела сторени додека биле на функција со одлуката. Судскиот процес против Трамп за поништување на резултатите од изборите во 2020 година се враќа на понизок суд. Демократската партија и натаму го поставува прашањето дали Бајден е подготвен да се носи со нов мандат, по тв-дуелот изминатата недела …

Американскиот Врховен суд донесе историска пресуда. Поранешните претседатели имаат имунитет од кривично гонење за дела сторени додека биле на функција. Со ваквата одлука, во екот на изборната кампања, одложен е случајот во Вашингтон против Доналд Трамп поради обвиненијата дека се обидел да ги поништи резултатите од претседателските избори во 2020 година. Случајот сега се враќа на понизок суд, кој ќе реши дали дејствијата на Трамп биле службени или приватни.

„Ова е уште еден пример за подготвеноста на Врховниот суд да создаде заштита за деловите од владата за кои мисли дека треба заштита. Никогаш не сум помислил дека на претседателството му треба голема заштита, но очигледно Врховниот суд е загрижен поради тоа што следниот претседател, можеби Доналд Трамп, ќе му го направи ова на Џо Бајден“, изјави Алан Морисон, декан на Правен факултет на Универзитетот Џорџ Вашингтон.

„Пониските судови генерално се обврзани да го следат она за што одлучува Врховниот суд. Во случајот Трамп ако не е задоволен од какви било одлуки што ги донесе судијата, тој може повторно да поднесе жалба. Има многу малку изгледи дека нешто од ова може да се случи пред изборите“, изјави Марк Шерман од „Асошиетед прес“.

Републиканскиот кандидат, Трамп, одлуката на Врховниот суд ја окарактеризира како голема победа за Уставот и демократијата. Претседателот и воедно кандидатот на демократската партија, Бајден, вели дека јавноста има право да ја знае улогата на Трамп во бунтот на 6-ти јануари 2021-ва година.

„Одлуката речиси сигурно значи дека нема ограничувања за тоа што претседателот може да го направи. Ова е фундаментално нов принцип и тоа е опасен преседан бидејќи моќта на канцеларијата повеќе нема да биде ограничена со законот, дури и со Врховниот суд на Соединетите држави“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Двајцата кандидати за претседател се соочија на прва тв-дебата изминатата недела. Гласачите и натаму со критики за настапот на Бајден и неговата спремност да се носи со нов мандат. Членови на демократската партија го отворија прашањето дали тој треба да биде сменет од гласачкото ливче. Конзервативните групи претходно се изјаснија дека ќе поднесат тужби, потенцијално доведувајќи ја во прашање законитоста на името на демократскиот кандидат на гласачкото ливче, доколку Бајден ненадејно ја напушти трката.

„Неговите соработници и сојузници приватно кажуваат дека сакаат да почекаат да видат нов круг на дебата пред да донесат некои големи одлуки за кампањата понатаму“, изјави Колин Лонг од „Асошиетед прес“.

Двајцата највозрасни кандидати за шеф на Белата куќа, треба повторно да се соочат на дуел на 10-ти септември.

 

Маријана Димовска