Македонија на петто место по одлив на мозоци
Државата е на петто место по одлив на мозоци, губитокот на таленти е алармантен, предупреди Државниот завод за ревизија по спроведеното скенирање на ефективноста на мерките што требаше да спречат заминување на високообразовниот и стручниот кадар...

Државата е на петто место по одлив на мозоци, губитокот на таленти е алармантен, предупреди Државниот завод за ревизија по спроведеното скенирање на ефективноста на мерките што требаше да спречат заминување на високообразовниот и стручниот кадар.
Констатирано е дека владините мерки не се доволно ефективни. Во периодот 2013-2022 година, од државата просечно емигрирале по 2.500 високообразовани кадри, во кои биле инвестирани 5 милијарди денари, што значи дека околу 45 милијарди денари или 725 милиони евра биле потрошени за туѓи бели дворови.
Ефектот на одливот на мозоци врз БДП се проценува на 0,8 проценти на годишно ниво, а ако се додаде и делот од БДП што не сме го создале поради емиграцијата, ефектот се проценува на над 5 проценти на годишно ниво, процент што оди и до 8 отсто ако се додаде вложувањето во образованието на овие луѓе. Македонија е меѓу 20-те земји во светот со најголема емиграција во странство.
