Португалија ја совлада Словенија на пенали за четвртфинале
Херој на португалската репрезентација беше голманот Диого Кошта, кој ги одбрани сите три удари од белата точка на словенечките фудбалери.

Португалија на драматичен начин обезбеди синоќа пласман во четвртфиналето на ЕВРО2024, совладувајќи ја Словенија на пенали со 3-0, откако натпреварот во Франкфурт во регуларниот дел и по двете продолженија заврши без голови.
Херој на португалската репрезентација беше голманот Диого Кошта, кој ги одбрани сите три удари од белата точка на словенечките фудбалери.
Претходно, во финишот на првото продолжение Кристијано Роналдо во 105 минута не реализираше пенал, а десет минути подоцна на спротивната страна Бенјамин Шешко пропушти колосална шанса да ѝ донесе предност на Словенија.
Капитенот на португалската репрезентација Кристијано Роналдо на социјалните мрежи реагираше на прогресот на тимот во четвртфиналето на Евро 2024.
„Необјасниви моменти. Да дадеме сѐ од себе! Благодарам“ – напиша Роналдо.
Во четвртфиналето на Евро 2024, репрезентацијата на Португалија ќе се сретне со селекцијата на Франција. Натпреварот ќе се одигра на 5 јули.