Суперќелиска бура го зафати регионот
Град, пороен дожд и силни ветришта во источниот дел на Хрватска. Суперќелиската бура ја погоди и Србија. Во Грција голем број пожари...

Град со големина на тениски топчиња, пороен дожд и силни ветришта уништуваа покриви и возила во континенталниот, источен дел на Хрватска. Погодена е областа на Жупања, во местото Бошњаци невремето создаде состојба која наликува на воена. Паднати сообраќајни знаци и откорнати дрвја во Винковци, 300 повици до пожарникарите поради удари на громови во куќите. Хрватските служби се под постојана тревога, Загреб не е исклучок.
„Цела ноќ се вклучени, постојано комуницираме. Владата на Хрватска за несреќа може да заклучи дека ова веќе постојано ни се случува во летните периоди, овојпат месец по месец во Славонија. Овде во Бошњаци, кога ќе ги погледнете покривите и куќите, ве потсетува на периодот од војната“, изјави Јосип Дабро-заменик министер за земјоделство, шумарство и рибарство на Хрватска.
Суперќелиската бура ја погоди и Србија. Дожд, порој, грмотевици, крупен град и пад на температурата од 20 целзиусови степени. Во Белград поплави, паднаа 55 литри дожд на квадратен метар, вообичаена количина за цел месец во летните периоди. Запрени се повеќе автобуски линии поради поплавените улици.
И во Грција, нестабилното време предизвикува огромни штети врз земјоделието, исто како и на целиот Балкан. Дождот е добредојден поради големиот број пожари кај јужниот сосед. Сепак, стихиите пустошат на островите особено во архипелагот на Кикладите, јужно од Атина. Со шест авиони, два хеликоптера и службеници на цивилната заштита се гаснат пожарите, има повредени пожарникари, а туристите го напуштаат островот.
Зоран Богатинов
