Деспотовски поднесе оставка од функцијата, бара одговори за изборниот процес во СДСМ
Два дена по спроведувањето на внатрепартиските избори во СДСМ, Јован Деспотовски поднесе оставка од функцијата директор на ТИРЗ. Вели, мандатот ми истекува во декември, но веќе имаме нова политичка реалност. Ова што кулминираше деновиве бара мој целосен ангажман, вели Деспотовски…

Изборниот процес за претседател на СДСМ не може да заврши без одговори зошто на неколку илјади членови не им беше дадено да гласаат, вели кандидатот Јован Деспотовски. Не поднел приговори оти комисијата го заклучила изборот. Смета дека ваквата ситуација мора да се отстрани за СДСМ да остане силна опозициска партија.
„Јас останувам на прашањата кои ги поставив и инсистирам да добијам одговор. Значи зошто секој втор, не е секој десетти, во изминативе 25 дена потрошил дел од своето време и на 40 степени отишол до најблиската општинска организација и поднел барање, или се регистрирал на интернет сеедно, не гласал, односно ниту отишол, или отишол да гласа па го вратиле. Ако сакаме да зборуваме за регуларен процес, треба прво да одговориме на тоа прашање“, вели Деспотовски.
Деспотовски поднел оставка во Влада од местото директор на ТИРЗ. За три ипол годишниот мандат бројот на вработни во зоните се зголемил за 40 проценти, на околу 20 илјади со повисока плата од просечна над 43 илјади денари.
Најави дека на својот наследник му остава 31 договор за нови инвестиции, нови простории на ТИРЗ во Штип, Прилеп и Струга и закон со кој Агенцијата за странски инвестиции и ТИРЗ треба да се спои во една институции за да има едношалтерски систем.
Ирина Гелевска
