ДЗР

Годишно од Македонија си заминуваат околу 2.500 високобразовани кадри

02.07.2024 13:57

Алармантен одлив на кадри – утврди Државниот завод за ревизија. Македонија губи дури 8,34 отсто од бруто-општествениот производ секоја година како резултат на масовниот одлив на мозоци од земјата. Во периодот 2013-2021 година од државата годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри...

2.500 образовани кадри во просек годишно ја напуштиле земјава, која за нив инвестирала околу 725 милиони евра од 2013 до 2021 година. Што е загуба од 8,34 отсто од домашниот бруто-производ алармира извештајот на државната ревизија. Македонија се најде на петтото место по одлив на кадар од 41 европска земја според Глобалниот индекс за одлив на мозоци. 40 отсто од високообразовниот кадар ја напуштил земјава според Светска банка.

150 стипендисти на втор циклус и шест стипендисти на трет циклус на студии во странство се финансирани од 2013 до 2022 година. 450.000 евра се доделени за студирање во втор циклус во странство со што е надминат предвидениот износ од акцискиот план, се вели во ревизорскиот извештај.

Државата нема воспоставен функционален систем за следење и управување со интелектуалната емиграција. Нема анализа на состојбите со миграцијата на високообразовен кадар, со бројот на емигрирани лица, образовен, старосен профил и адресирање на причините за емиграција. А од 2020-та нема ниту стратешки документ за борба против одлив на квалификуван кадар – покажува извештајот на ДЗР.

 

Александра Велинова