Робен, Ерера, Проенса... Холандија се подготвува за четвртфинале
Мундијалот во Бразил создаде неколку икони, ликови коишто ќе останат запаметени не само со резултатот, туку и со некоја специфика...

Светскиот фудбалски шампионат создаде неколку икони, ликови коишто ќе останат запаметени не само со резултатот, туку и со некоја специфика. Сопствен печат остави и селекторот на Мексико Мигел Ерера. Симпатичниот „сињор“ скокаше, гестикулираше, трчаше крај аут линијата небаре е бек, а не тренер. Но во судиското продолжување од натпреварот со Холандија остана нем, неподвижен. Арјен Робен падна во шеснаесетникот на противникот, а судијата Педро Проенса покажа пенал. „Лалињата“ процветаа, „Ацтеките“ овенаа. Клас Јан Хунтелар го совлада Очоа, Холандија победи со 2-1, Луј Ван Гал се извади за најлошата стратегија на овој Мундијал. Верехег не можеше да му парира на Лајун крај аут линијата, Вајналдум не можеше да ја поврзе играта во средниот ред, па Снејдер се враќаше назад и се позиционираше предалеку од Ван Перси и од Робен.
Со еден збор Холандија беше безлична, иако на теренот во Фортазеза истрча како најефикасна репрезентација од групната фаза. И Мексиканците не блескаа, но беа поконкретни. Можеби повредата на Де Јонг уште во деветтата минута им даде предност, исто како и фактот дека Холандија не успеа да го рашири теренот. На лев бек Кајт не беше ефективен, па немаше додавања во празно за брзоногите напаѓачи на „орање“. „Ел трес“ ја пронајде и на искористи шансата во 49-та минута. Дос Сантос покажа вештина со топка, ја прими пред Блинд и со прекрасен удар го матираше Силесен.
Мексико поведе со 1-0 и Ван Гал мораше брзо да се прилагодува. Го внесе Депај на местото на Верхег, Кајт ја промени страната и го засили нападот покрај Робен. Холанѓаните немаа среќа кога Де Вриј шутираше од непосредна близина, а Очоа ја одби топката во стативата. Надевајќи се дека најдобрата одбрана на првенството нема да попушти пред налетите на Холанѓаните, Ерера освежи менувајќи ги Дос Сантос и Пералта. За притисокот со долги топки придонесе и влегувањето на Хунтелар на местото на Ван Перси. Во шеснаесетниот се пресели и Кајт, Робен не загуби сила и покрај високата температура и влажноста на воздухот на „Кастелао“. Попушти мексиканскиот бедем којшто претходно дозволи само еден гол. Во 88-та минута Снејдер ја скина мрежата на ривалот, во 103-от настап во државниот дрес се израдува на 27-от гол.
Холандија здивна, а кога светот се подготвуваше за продолженија, Робен повторно солираше и се избори за пенал. Контакт и да имаше беше минимален, но Проеса се огласи. Трагичар беше капитенот на Мексико, Рафа Маркез, кој по 124 натпревари ја заврши репрезентативната кариера, на лош начин. Тој стартуваше над Робен, а селекторот Ерера беше бесен.
„Утре или задутре ќе си одиме дома. Но и човекот што не елиминираше треба да си оди дома. Имавме лошо судење на цело првенство и загубивме поради фактори на коишто не можеме да влијаеме“, резигнирано рече Ерера.
Шести мундијал по ред Мексико заврши во осминафиналето, остана на само два четвртфинални настапа на светските првенства на коишто беше домаќин, во 70-тата и во 86-тата. Холандија, пак, повторно е блиску до врвот. Досега трипати играше финале, а во Бразил допатува како светски вицепрвак. Ќе може ли на врвот е отворено прашање. Засега е јасно само дека за Мексико повторно немаше „quinto partido“, односно петти натпревар во континуитет на еден мундијал.
