Градежништвото во слободен пад
Поради нееднакви услови за работа на домашниот пазар, македонски компании работат како подизведувачи на странските, алармираат градежниците. Ако состојбата не се подобри во скоро време, градежниот сектор наместо да заживува, ќе го губи здивот.

Моторот на македонската економија – градежништвото во слободен пад, алармираат стопанствениците. Според нив, ако пред 10-ина години учествуваше со 7% во бруто-домашниот производ, последниве четири години едвај надминува 5%. Тоа се должи на скапите градежни материјали, но и поради немањето работна сила.
„Наместо државата да се погрижи за креирање подобри услови за градежништвото, градежните фирми се оставени сами на себе, сами да си ги креираат капацитетите и сами да ги подигнуваат потенцијалите. Зачудува фактот дека не сме конкурентни во земјава, затоа што за ист обем, за иста работа, под ист инвеститор во другите држави можеме да бидеме лидери и членови на конзорциум или самостојно да настапуваме, додека при условите во оваа држава тоа не ни е дозволено. Многу се високи условите затоа што не се води сметка за капацитетот на домашните компании, не се води сметка за ресурсите коишто се поседуваат, а сепак важно е во економијата да се ангажираат домашните компании за да го креираат растот на економијата. Домашните компании треба да бидат оние кои ги реализираат проектите се со цел да можеме и надвор да добиваме тендери“, рече Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на денешната прес-конференција по работниот состанок со претседателот на Комората.
И првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески, вели дека состојбата не чини, но се надева дека со засилена работа ќе се дојде до солидни резултати.
Азески, пак, во видеообраќање рече дека актуелните бројки во градежништвото се црвена линија од која не може да се оди подолу.
„Стопанската комора има свои решенија. Процесите се процесуирани и само ќе инсистираме на нивна имплементација“, рече Азески.
Што се однесува пак до последниот раст на цените на становите, тоа ги тера купувачите да се подзамислат за купување нов стан, од една страна, но од друга, парите наместо в банка, ги инвестираат во недвижнини, велат бизнисмените.
Годишно во земјава се градат по околу 5.000 нови станови, додека една третина од веќе изградените зјаат празни поради високата цена за квадрат.
Борис Грујоски
