Силно невреме го погоди регионот, има и жртви
Поројниот дожд и ураганските ветрови однесоа три жртви во Црна Гора. И во Словенија, Србија и Хрватска сериозни штети. Беснеат пожари во Грција. Евакуирани гости. Регионот се бори со невреме...

Невремето во Црна Гора предизвика хаотична состојба, со трагичен биланс од три жртви. На ривиерата во Чањ, турски државјанин го загуби животот, второто лице загина од гром во местото Радовиќи, третото поради истата причина во Луштица. Во Петровац надлежните ги спасуваа капачите, повредени се и работници во главното црногорско пристаниште бар. Таму крановите се виткаа под силината на орканските ветришта.
Град со големина на тениски топчиња, пороен дожд и силни ветришта уништуваа покриви и возила во континенталниот, источен дел на Хрватска. Погодена е областа на Жупања, во местото бошњаци невремето создаде состојба која наликува на воена. Паднати сообраќајни знаци и откорнати дрвја во Винковци, 300 повици до пожарникарите поради удари на громови во куќите. Хрватските служби се под постојана тревога, Загреб не е исклучок.
„Цела ноќ се вклучени, постојано комуницираме. Владата на Хрватска, за несреќа, може да заклучи дека ова постојано ни се случува во летните периоди, овој пат месец по месец во Славонија. Овде во Бошњаци, кога ќе ги погледнете покривите и куќите, ве потсетува на периодот од војната“, изјави Јосип Дабро-заменик-министер за земјоделство, шумарство и рибарство на Хрватска.
Суперќелиската бура ја погоди и Србија. Дожд, порој, грмотевици, крупен град и пад на температурата од 20 целзиусови степени. Во Белград поплави, паднаа 55 литри дожд на квадратен метар, вообичаена количина за цел месец во летните периоди. Запрени се повеќе автобуски линии поради поплавените улици.
Зоран Богатинов
