Нови петмина офицери од Македонија во мисијата ИСАФ во Авганистан

02.07.2014 14:46

Пратеникот Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, кој до неодамна беше заменик - министер за одбрана, посочи дека ова се последните петмина офицери што Македонија ги испраќа во мисијата ИСАФ бидејќи таа во овој облик завршува во 2014...

Собранието ја изгласа одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција, ИСАФ во Авганистан. Министерот за одбрана Зоран Јолевски образложи дека Македонија испраќа петмина штабни офицери во рамките на штабната команда Север во Мазел ел Шариф.

„Со учеството на нашите штабни офицери ја презентираме на високо ниво Република Македонија и Армијата на РМ во оваа команда, која е во рамките на германскиот контигент“, изјави Јолевски.

Пратеникот Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, кој до неодамна беше заменик - министер за одбрана, посочи дека ова се последните петмина офицери што Македонија ги испраќа во мисијата ИСАФ бидејќи таа во овој облик завршува во 2014.

„Очекувам во многу скоро време во парламентарна процедура да се отвори нова дискусија за нашето натамошно учество. Мора набрзо да одлучиме како и на кој начин ќе учествуваме во ИСАФ операцијата бидејќи како држава јавно деклариравме дека ние остануваме и по 2015 година во операцијата ИСАФ“, рече Димитриев.

Пратеникот Павле Трајанов истакна дека за учеството на Македонија во НАТО постои севкупен консензус во општеството. Учеството на мировниците од Македонија во мисиите е практичен доказ дека Македонија треба што е можно побрзо да добие покана за членство во Алијансата.

Според него, Република Македонија треба да ги искористи позитивните коментари во однос на нејзиното учество во мисиите и да преземе дипломатска офанзива пред Самитот на НАТО во Велика Британија во септември со цел да добиеме покана за членство затоа што Република Македонија ги исполнува сите стандарди.

Предложи дипломатската офанзива да започне од Парламентот преку декларација или со писма што пратениците ќе ги испратат до сите земји-членки на НАТО. Тоа треба да го направи и МНР, Владата и претседателот на државата.