Велика Британија утре гласа за новиот парламентарен состав
Британците утре гласаат за нов парламентарен состав. Експерти очекуваат историски исход. Според нив едно е јасно – сите партии тргнале кон десничарски политики...

Граѓаните на Велика Британија утре гласаат за новиот парламентарен состав. Според експерти, исходот би можел да биде историски. Предизборните анкети укажуваат на пораз на конзервативците, кои се на власт 14 години, и триумф на британската Лабуристичка партија. Според проекциите, во парламентот од 650 места, конзервативците би освоиле најнизок изборен резултат од основањето на партијата во 1834 година.
„Ако анкетите се генерално точни, веројатно ќе видиме подраматичен збир на изборни резултати во однос на жртвите што ќе ги претрпи Конзервативната партија отколку што сигурно сме виделе во целиот 21 век“, изјави Филип Каули, политиколог.
Аналитичарите тврдат дека без разлика како ќе гласаат Британците и што се случи во земјата по брегзит, едно е јасно – сите партии тргнаа кон десничарски политики. Новата влада ќе мора да се справи со финансиската криза, миграцијата и инфлацијата предизвикани од војната во Украина.
„Ова се избори на кои доминира кризата со трошоците за живот, која доведе до зголемени стапки на хипотеки, скок на цените на храната и енергијата. Конзервативната партија тврди дека нејзиниот економски план сега функционира. Лабуристите инсистираа дека нема да ги зголемат даноците и велат дека ќе инвестираат во инфраструктурата и зелената енергија и ќе го поттикнат растот на економијата“, изјави Џил Лолес, „Асошиетед прес“.
„Многумина од моите пријатели традиционално се ториевци без навистина да размислуваат за тоа, бидејќи така гласале нивните родители. Сега чувствувам дека тоа не ги застапува нив, нивните интереси или интересите на нивните деца и затоа нема да бидам изненаден ако многу од нив не гласаат“, изјави Ентони Мекгарел-Гроувс, пензионер.
Мандатот на актуелниот премиер Сунак беше обележан со чести тензии, ненавремени одлуки и обиди на конзервативците, во потрага по гласови, да се префрлат уште повеќе на десната страна на политичкиот спектар. Во историјата на британската политика ретко кој премиер останал подолго на лидерската позиција, со исклучоци како Маргарет Тачер или Тони Блер.
Маријана Димовска
