Четириесет и три преводи годинава во конкуренција за наградата „Драги“
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор.

Рекордни 43 дела во превод на македонски јазик, како во печатен така и во електронски формат, годинава се во конкуренција за наградата „Драги“, соопштуваат од издавачката куќа „Антолог“ која ја доделува наградата, со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор.
Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.
Тричлената комисија за доделувањето на наградата годинава ќе ја сочинуваат д-р Јана Михајловска (библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија; претставник од семејството на Драги Михајловски), д-р Зорица Николовска (редовен професорор на Катедрата за германски јазик и книжевност и преведувач; претставник предложен од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“) и Владимир Јанковски (писател и преведувач, претставник предложен од издавачката куќа „Антолог“).
Книгите се објавени од 18 издавачки куќи или поединци, а преводите се направени од 18 различни јазици.
