Баросо: Не треба да им се заврти грбот на Земјите од Западен Балкан
Баросо предупреди да не им се „врти грбот“ на земјите од Западен Балкан...

Зборувајќи при претставувањето на постигнатото за време на грчкото претседателство со Европската унија, претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Баросо предупреди да не им се „врти грбот“ на земјите од Западен Балкан, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Претходно Жозе Мануел Баросо, чиј мандат е на крај, потсети дека во 2004 ЕУ броеше 15 земји членки, денес десет години подоцна тие се двојно повеќе - 28 земји членки.
Претседателот на Европската комисија посебно инсистираше дека проширувањето и обединувањето на европскиот континент е едно од „најголемите и исклучително достигнување на ЕУ“.
- Ќе биде голема грешка зако им го свртиме грбот на земјите од Западен Балкан. Ќе биде грешка ако ги затвориме нашите граници. Го видов напредокот во овие земји, како при мојата последна посета на Албанија, затоа не треба да им го вртиме грбот и да се затвориме, порача од Стразбур првиот човек на Европската комисија.
Притоа Баросо истакна дека треба да се испочитува договорот со земјите од Западен Балкан, бидејќи спротивното ќе биде неодговорно, но овие земји треба претходно да ги исполнат условите кои се поставени пред нив.
Инаку грчкиот премиер, Андонис Самарас во својот биланс како постигнувања го спомен напредокот на Албанија и Србија, како и Турција, притоа изоставајќи ја Македонија. Инаку дебатата наликуваше на внатрешно политичка пресметка на грчкиот Парламент, отколку на европскиот, во која многу грчки европратеници од опозицијата ја критикуваа политиката на Самарас и на ЕУ во Грција, јавува дописникот на МИА.
