Не стивнуваат реакциите во Атина и Софија по изјавите на Мицкоски
Не стивнуваат реакциите во Атина и во Софија по изјавите на Мицкоски за Договорот од Преспа и за Договорот за добрососедство со Бугарија. На средбата во Атина меѓу Мицотакис и Радев, една од темите била и Македонија. Кога ќе се потпише меѓународен договор, тој треба да се исполни од сите идни влади, а не да се ревидира, изјави бугарскиот претседател, коментирајќи го ставот на Мицкоски дека Преспанскиот договор е реалност, а за Договорот за добрососедство може да се репреговара…

Атина и Софија загрижени за случувањата во Македонија. Црвеното светло запалено по последните изјави на премиерот Мицкоски дека договорот од Преспа е завршена приказна, а името Македонија ќе го користи дома, но дека може повторно да се преговара за Договорот за добрососедство со Бугарија.
Важно е Република Северна Македонија да се држи до својот европски пат, смета бугарскиот претседател Румен Радев. Критикуваше дека властите во Скопје треба да знаат дека кога се потпишува меѓународен договор, тој мора да се почитува и да не се ревидира.
„За жал, државното раководство на република Северна Македонија очигледно не е подготвено за функцијата поради многу причини. Потребно е меѓународно право, што очигледно го нема. Кога ќе се потпише меѓународен договор, тој треба да биде имплементиран од сите наредни влади, а не да се ревидира. Ова се познати факти дека најмалку 120 илјади граѓани на република Северна Македонија добиле бугарско државјанство врз основа на докажано потекло со документи“, изјави Радев.
Бугарскиот шеф на државата уверува дека и помагале на Македонија на нејзиниот европски пат, но додава дека ваквите изјави брзо ја оддалечуваат земјата од европската интеграција, затоа што, како што вели, не можете да бидете членка на НАТО и да инсистирате да станете членка на Европската унија и да излезете со такви изјави. Премиерот Мицкоски вели дека не може да води политика на двојни стандарди, туку на реципроцитет.
Според Мицкоски, ставовите на официјална Софија, особено на претседателот Радев повеќе наликуваат на средниот век отколку на денешницата.
Милчо Велески
