Образование

Седмооделенците од септември ќе учат по старата програма

03.07.2024 13:21

Ни волшебно стапче не може да обезбеди учебници до септември, можно е одложување на концепцијата од седмо до деветто одделение, вели министерката за образование Весна Јаневска. Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието деновиве ќе одлучат од кои учебници ќе учат седмоодделенците од следната учебна година...

Седмооделенците од септември ќе учат по старата програма бидејќи ниту еден учебник не е испечатен, други не се одобрени, рецензирани или воопшто не се напишани, информираше министерката за образование Весна Јаневска. Нејзиниот претходник Шаќири неколку дена пред да ја напушти функцијата тврдеше дека учениците од септември ќе ги имаат сите учебници. Сега Јаневска вели дека и да има магично стапче тоа нема да биде возможно. Новата концепција се одложува и за осмо и деветто одделение.

Јаневска најавува реформи и во инклузивното образование и зголемување на бројот на образовни асистенти. Најави широка расправа со стручните лица, наставниците и родителите. Комисијата за заштита и спречување од дискриминација пак, упати критика до МОН дека во минатото воопшто не соработувала со институцијата и бараат промени во законите за основно и средно образование, како и законот за учебници. Според нив, веднаш треба да се стави крај на сегрегацијата на децата Роми.

Комисијата утврдила дека најголеми проблеми се и застарените програми кои имаат дискриминаторска содржина, булингот, како и бројни проблеми со инклузијата на децата со посебни потреби.

 

 

Викторија Милевска