Реформи во Судскиот совет
Довербата во правосудството е ниска, Судскиот совет да ги казнува оние кои сметаат дека се над законот. Претседателката Дамева вели- граѓаните заслужуваат правда…

Евроамбасадорот Гир не е за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Тој порача да се дискутира за тоа прашање.
„Тоа би претставувало мешање во независноста на правосудството. Истото важи и за идејата за поделба на Академијата на судии и обвинители што е институција која треба да служи како гарант за меритократија и непристрасност во правосудството“, изјави евроамбасадорот Гир.
Американската амбасадорка во земјава Агелер, пофали, но и предупреди за сè што не е сторено за вистинско реструктурирање на Судскиот совет и негово поставување во рамките на правосудството.
„Ова е важно оружје во арсеналот што ќе биде потребно за вистинска трансформација на правосудството во Северна Македонија во една институција којашто им служи на своите граѓани, којашто ги штити невините и ги казнува оние кои сметаат дека се над законот“, нагласи амбасадорката Агелер.
Холандскиот амбасадор во земјава кој е пред заминување, Јан Коп рече дека е можеби добро што со прекинот на проектот и негово повторно воспоставување сериозно почнале промените, но и дека половина од препораките на оценската мисија се однесуваат и на Владата и на Собранието.
„Три препораки се однесуваат на уставни измени, меѓутоа ниту една од овие не треба да се спроведат на брз начин, без да се вклучи експертската заедница“, додаде амбасадорот Јан Коп.
Индивидуалната одговорност мора да биде санкционирана
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева не ја поддржува тезата за колективна одговорност и смета дека индивидуалната одговорност мора да биде санкционирана и точно детектирана. Ако се оди по принцип на распуштање на Судскиот совет, Дамева се надева дека ќе се почитува Уставот и да нема застој во постапките.
„Преку постапките за одговорност на судии, на некој начин се амнестираат оние нестручните и несовесни судии за кои не можам да прејудицирам дали во текот на овие постапки исходот на сите ќе биде одговорност, а во тој случај кога граѓаните ја бараат правдата во судниците, правдата нема да биде на страна на граѓаните“, нагласи Дамева.
Консултации за реформите
За сè што се заговара како реформски рез мора да биде консултирана судската власт, вели претседателот на Здружението на судиите, Џолев. Тој посочи дека сè поинаку е упад во оваа власт.
„Извршната власт има надлежност да предлага и да заговара реформи не само во судскиот систем, туку и во образованието и во здравството, меѓутоа не без притоа да се консултира“, нагласи судијата Џолев.
Распуштање и законска реформа на Судскиот совет е дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ од предизборната кампања. За премиерот Мицкоски, реформата на ова судско тело е еден од приоритетите на актуелната власт.
Фиљана Кока
