Значаен напредок на полицијата во заштитата на основните човекови права
Публикацијата „Концептот за човекови права за полицијата“, финансирана од ЕУ, се фокусира на развивање на капацитетите за јакнење на професионалноста за целосно почитување на основните човекови права на приведените и задржаните лица, преку ефикасна и доследна регулаторна и оперативна рамка...

Европскиот комитет за превенција од тортура во последните години забележува подобрување во спроведувањето на секојдневните задачи на македонската полиција.
Со новиот концепт ќе се засили професионализмот на полицајците, а ќе се јакнат и организациските капацитети. Според претставникот на Советот на Европа, Браулио со концептот се утврдуваат визијата и мисијата на полицијата во однос на човековите права.
„Сите системски реформи коишто почнаа во 2004 година, посебно Законот за полиција од 2006 година почнаа да ги даваат своите резултат“, изјави Лорен Браулио, Генерален директор за човекови права и владеење на правото при Советот на Европа.
„Концепт за човекови права за полицијата“ во иднина ќе биде основна алатка во обуката на полициските службеници и во нивното секојдневно работење, вели министерката Јанкулоска. Проектот предвидува и реновирање на просториите за прифат во полициските станици, но и доопремување и дообучување на вработените во Секторот за внатрешна контрола, во вредност од над 2 милиона денари.
„Тука сме да ги одбраниме и загарантираме сите уставни права на граѓаните на Македонија, но и да внимаваме при нашето работење да не ги пречекориме овласувањата и да не нарушиме нечии права“, рече министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Владата предвидува изготвување закон со кој ќе се уреди основање нова, независна институција која ќе функционира во системот на надворешната контрола на почитување на човековите слободи и права, професионалните стандарди и примената на посебните должности и овластувања од страна на вработените во МВР.
Наташа Гркова Петрушевска
