Здравство

Секоја капка значи живот- крводарителска акција на Катедрата за педијатрија

03.07.2024 14:59

Традицонална крводарителска акција на Катедрата за педијатрија. Македонските граѓани донираат крв, а во крводарителските акции на Црвениот крст во последниве години се собираат меѓу 55.000 и 60.000 крвни единици...

Студентот на медицина Игор Клопчевски безмалку 10 пати има дарувано крв. Вели, лекарите се соочуваат со многу предизвици лекувајќи луѓе, со својата постапка сака да им олесни на колегите, да имаат доволно крвни единици и крвни деривати.

„Да ја покажеме нашата хуманост и да бидеме пример за нашите колеги и за студентите од другите факултети, со цел да можат да се вклучат на акцијата, бидејќи секоја капка значи живот“, вели Клопчевски.

И професорката Соња Бојаџиева се водела од оваа цел кога како раководител на Катедрата за педијатрија решила да организира крводарителска акција. Ова е четврта по ред крводарителска акција.

„Секоја година во договор со Институтот за трансфузиона медицина ја организираме акцијата во летен период, кога и најмногу е потребна крв и крвни деривати. На овој начин сите здравствени работници практично да дадеме една хумана нота и една видливост во општеството дека и ние сме хумани луѓе и дека помагаме не само на нашите пациенти, туку и на сите граѓани“, вели професорката Бојаџиева.

Македонските граѓани донираат крв, а во крводарителските акции на Црвениот крст во последниве години се собираат меѓу 55.000 и 60.000 крвни единици. Генерално нема недостиг од крвни единици, понекогаш кога се јавува брзо се надополнува.

Наташа Јанчиќ-Менковски