Поради блокирана сметка, одржувањето на магистралните и регионални патишта во опасност
Низа неправилности во работењето на ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, констатира Државниот завод за ревизија. ЈП 12 години работи со блокирана сметка, а долговите се зголемуваат. Ревизија, забелешки има и за несоодветно чување на залихите со гориво и сол за зимско одржување, како и не осигурување на градежните објекти и средствата...

ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта се дави во долгови, 12 години работи со блокирана сметка, покажа ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија. На крајот на 2022 година сметката на ЈП е блокирана за долг од 663 милиони денари, а низ годините, како резултат на зголемена активност во делот на одржување на државни патишта, изградба на нови делници, зголемени трошоци за набавка на нафта, долговите растат.
Ваквиот начин на функционирање на ЈП, кое не е во можност редовно да ги плаќа доспеаните обврски, влијае врз зголемување на обврските по извршни решенија и зголемување на обврските по основ на камати, што неповолно влијае на финансиската стабилност и ликвидност на претпријатието и во исто време влијае на тековното работење на добавувачите и вредноста на стоките, работите и услугите кои се добиваат во постапките за јавни набавки. Со извршената ревизија како што претходно беше наведено утврдивме дека обврските по извршни решенија со кои е блокирана сметката на претпријатието со состојба на 31.12.2022 година изнесуваат приближно 663 милиони денари, што претставува за приближно 196 милиони денари поголем износ на обврски во однос на евидентираните во сметководствената евиденција на ЈП (околу 467 милиони денари), соопштија од ДЗР.
Ревизија констатира дека одговорното лице во претпријатието не ги осигурало градежни објекти и средствата со кои располага, а кои се изложени на ризици. Едно возило дваесет дена по набавката било опожарено, а не било каско осигурано.
Државна ревизија има забелешки за Секциите Струга и Охрид во однос на тоа дека не се обезбедени соодветни услови за безбедно чување на залихата на сол за зимското одржување на патиштата, со што залихите губат од физички својства, квалитет и се предизвикува отежнато користење.
Со извршената ревизија констатирани се повеќе неправилности кои влијаат и на реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година.
Соња Рилковска
