Антонио Милошоски и Рафис Алити се потпретседатели на Собранието
Пратениците го утврдија составот и на парламентарните групи за соработка со собранијата на други држави...

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Рафис Алити од ДУИ се новите заменици на спикерот Трајко Вељаноски.Третото потпретседателско место што и припаѓа на најголемата опозициска партија поради нивниот бојкот на Парламентот е празно. Опозициската ДПА и пратеничката Роза Топузова-Каревска не присуствуваа на дебатата и при гласањето. Амди Бајрам со поддршка за Милошоски и Алити, но побара третиот потпретседател да се избере од опозицијата што учествува во работата на Собранието.
„Нема ние што и кого да чекаме и да му се додворуваме во Парламентот. Јавноста во Република Македонија знае, излеговме на избори, победивме, и кој победи ја води власта” рече пратеникот Амди Бајрам.
„Искрено верувам дека и ова место за брзо време ќе биде пополнето и искрено се надевам дека конечно кај опозицискиот СДСМ ќе надвладее разумот, ќе излезат од партиската зачауреност во која се наоѓаат” потенцира Лилјана Затуровска од ВМРО-ДПМНЕ.
На Рафис Алити ова му е втор мандат како потпретседател. Оваа функција ја извршуваше и во периодот од 2008-та до 2011-тата година.
„Со овие две кандидатури всушност ние ја докажуваме нашата определба, друга алтернатива немаме, ова е нашиот дом,ова е нашата држава” истакна Џеват Адеми од ДУИ.
Пратениците го утврдија составот и на парламентарните групи за соработка со собранијата на други држави.
Претседателското и местата за членовите од опозицијата во Советот за евроинтеграции засега остануваат празни, но тоа не е пречка за неговото функционирање. За потпретседател е избран координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.
Во Собранието и предлогот за измени на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка, во делот на ослободувањето од радиодифузната такса за лицата во социјален ризик.
Милчо Велески
