Македонците од Бугарија со реакција на изјавата на Радев
Здруженијата на Македонците во Бугарија ги осудуваат последните изјави на бугарскиот претседател Радев насочени кон Македонија. Велат цинизам е шеф на држава каде редовно се кршат човековите права и има толку многу критики од меѓународните институции и пресуди од Судот во Стразбур, да говори дека на македонските власти им недостига познавање на меѓународното и уставно право...

Цинизам е претседател на држава каде редовно се кршат човековите права и има многу критики од меѓународните институции како, и пресуди од Судот во Стразбур да тврди дека во Бугарија не се тепаат луѓе што изразиле различни идентитети, стои во заедничката реакција на македонските здруженија во Бугарија.
По изјавите на бугарскиот претседател Радев дека државното раководство во земјава не е подготвено за функцијата и треба да има познавања од меѓународното право, но и дека во земјава живеат 120 илјади Македонци со бугарско државјанство, нашинците од истокот сведочат дека Бугарија своевремено ги тепала граѓаните со македонска самосвест.
Не го слушнавме Радев да го осуди нападот врз македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, на пример, а ниту кој било бугарски политичар. Македонските политичари ги осудија нападите во Македонија и судот постапи по случаите. Тоа за Бугарија е несонив стандард – пишува во реакцијата.
Бранувањата во регионалната политика настанаа по изјавата на премиерот Мицкоски дека договорот од Преспа е завршена работа, но дека може да се репреговара Договорот за добрососедство со Бугарија.
Радев одговори дека ваквите изјави ја оддалечувале земјава од европската интеграција, додека пак Мицкоски го повтори ставот дека не може да се води политика на двојни стандарди и дека е потребен реципроцитет.
Анита Димитријевска – Велковска
