САД

Трамп со значителна предност пред Бајден

04.07.2024 12:32

Во опаѓање е поддршката на американските гласачи за повторен избор на актуелниот претседател Џозеф Бајден. По катастрофалниот настап на дебатата со Трамп, разликата порасна на пет проценти во корист на кандидатот на републиканците. Запреа собирањата пари за кампањата на Бајден, се запали црвената тревога меѓу демократите. Некои од нив побараа откажување од трката. Сепак шефот на Белата куќа има и поддршка меѓу своите следбеници...

Бура во таборот на американската демократска партија по дисонантните тонови околу продолжувањето на номинацијата на Џо Бајден за претседател на светската супер сила. Телевизиската мрежа Си-Ен-Ен во анкетите објави зголемување на предноста на Трамп пред шефот на Белата куќа од 49 спрема 44 проценти, наместо досегашните два индексни поена. Ова, заедно со крахот на изборната дебата, ги поттикна и спонзорите да ги запрат собирањата на фондовите за поддршка на изборот на Бајден. Конгресменот Догет е првиот демократ кој побара посоодветен кандидат.

„Мислев дека Бајден подобро ќе се справи со лагите на Трамп, но се разочарав. Затоа имавме средба со демократите во Конгресот и повеќето колеги се со став дека време е за замена на претседателот Бајден, да се откаже од изборите. За ова во раководството беа десетмина наспрема еден“, изјави Лојд Догет, конгресмен на САД од демократска партија.

За да ги смири страстите во партијата, во Белата куќа Бајден повика дел од своите следбеници меѓу гувернерите-демократи. Согласни се за лошиот настап против Трамп, но поддршката не изостанува.

„Секогаш ќе ја има нашата поддршка, како што и тој не поддржуваше. Не можете да ги порекнете резултатите на неговото владеење“, изјави Вес Мур гувернер на Мериленд.

„Листата работи што ја направи мојата држава Њујорк е невообичаено долга. Ја води земјата кон иднината. Веруваме во неговите способности“, изјави Кети Хочул-гувернерка на Њујорк.

Американскиот заменик-претседател, Камала Харис исто така ја отфрли идејата за откажување на Бајден, но не се изјаси дали би го прифатила водењето на земјата.

„Бајден е нашата номинација. Горда сум што сум негов партнер во трката“, изјави Камала Харис, заменик-претседател на САД.

И покрај сегашното водство во анкетите, и Трамп се соочува со извесни непознаници во изборната трка. Сè уште не се знае името на кандидатот за потпретседател меѓу демократите. Во игра се тројца републиканци, Трамп треба да избере меѓу донациите, бројот на гласовите, и меѓу соодветните дебати на својот избраник со Камала Харис. Според најновата анкета на телевизијата Си-Би-Ес, половина од гласачите кои гласале за Бајден во 2020 сметаат дека претседателот не требало да се кандидира годинава.

 

Зоран Богатинов