Македонија

Наглите временски промени влијаат врз здравјето на граѓаните

04.07.2024 14:59

Телефоните во итната медицинска помош постојано ѕвонат – граѓаните се жалат на вртоглавица, несоница, изнемоштеност. Променливото време влијае врз здравјето на граѓаните. За надминување на временските промени, лекарите советуваат граѓаните поголем дел од времето да минуваат во природа...

Променливото време удри по здравјето на граѓаните. Телефоните во итната медицинска помош постојано ѕвонат – граѓаните се жалат на вртоглавица, несоница, изнемоштеност. Лекарите за едно деноноќие интервенирале кај петмина пациенти со мозочни удари. Зголемен е бројот на панични напади, анксиозни состојби. Доминираат интервенциите кај пациенти кои има влошување на состојбата со деменција.

„Зголемен е бројот на мозочни удари, вртоглавици, исто така е зголемен бројот на интервенции кај варијации на крвниот притисок затоа што човекот е дел од природата и човековото битие како дел од природата реагира на атмосферскиот притисок, влажноста на воздухот и температурните разлики“, изјави д-р Елена Парева-Пиловска, шеф на смена во Итната медицинска помош.

Од наредната недела, синоптичарите најавуваат драстична разлика во температурата – од осум до десет степени повисока.

„Не очекува период на стабилно и топло време со појава на мала до умерена облачност во попладневните часови, а во одделни денови не е исклучено да имаме и изолирана појава на нестабилност. Во текот на следната седмица не очекува доста топло време со максимални температури на повеќето места над 30, а на места и околу 40 степени“, изјави Ивана Петровиќ, синоптичар во УХМР.

За полесно надминување на временските промени, лекарите советуваат граѓаните поголем дел од времето да минуваат во природа, а хронично болните терапијата да ја адаптираат на временските услови во консултација со матичниот лекар.

 

 

Андријана Ѓурческа