Мицкоски: Договорите се двонасочна улица, Владата нуди дијалог и соработка
Премиерот Мицкоски им порача на соседите да ги преиспитаат своите изјави и нагласи дека договорите се двонасочна улица. Ги предупреди официјална Атина и Софија дека од оваа страна ќе има политичари со исправен ’рбет…

Договорите се двонасочна улица, вели Мицкоски, Владата нуди дијалог и соработка, но и ги предупреди официјална Атина и Софија дека од оваа страна ќе има политичари со исправен ’рбет. Вака премиерот Мицкоски им одговори на бугарскиот претседател Радев и грчкиот премиер Мицотакис по нивните изјави дека македонските власти немаат познавање од европското законодавство.
„Моите соговорници треба да ги преиспитаат своите изјави и начинот на однесување. Кој сум јас да им солам памет што да прават тие?! Жалам што гледаат промена во политиката овде. Поминаа времињата кога ќе има кај нас, во македонската Влада, политичари со свиткана кичма, политичари кои се себепонижуваат, политичари кои се подготвени се да потпишат само не да го заштитат интересот на македонските граѓани, а од друга страна, додека тоа го прават, мавтаат со европското знаме и паралелно со тоа ја ограбуваат државата и граѓаните“, изјави премиерот Мицкоски.
Здруженијата на Македонците во Бугарија ги осудуваат последните изјави на Бугарскиот претседател насочен кон Македонија.
„Не го слушнавме Радев да го осуди нападот врз македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, на пример, а ниту кој било бугарски политичар. Македонските политичари ги осудија нападите во Македонија и судот постапи по случаите. Тоа за Бугарија е непознат стандард“, пишува во реакцијата.
Во однос на пописот во Албанија, каде бројот на Македонците е намален, а зголемено е бугарското малцинство, премиерот Мицкоски со прашање дали политиката што ја води официјална Софија ќе значи и нивно условување на Албанија во евроинтегративниот пат.
„Таа асимилаторска политика од страна на нашиот источен сосед не е само кај Македонците. Ако ги видите бројките, ќе видите дека таа зафаќа голем дел и од останатите граѓани во Албанија. Тоа е нешто коешто мислам дека треба посериозно да се анализира. И сега се поставува прашањето бидејќи во Албанија има речиси трипати повеќе кои се изјаснуваат како дел од бугарската заедница, дали и од Албанија ќе имаме услов тие да бидат во преамбулата на Албанија или нема да бидат. И прашањето е дали и за нив ќе важи тој услов или само за нас ќе важи“, нагласи премиерот Мицкоски.
Мицкоски најави посета на Македонците во Албанија.
Марина Стојанова-Тонева
