Политика

Понудете подобро решение, Мицкоски до амбасадорите

04.07.2024 16:09

Премиерот Мицкоски ги повика амбасадорите дека е подготвен да разговара ако имаат подобро решение да се врати довербата во правосудството. По вчерашните изјави дека не е добар потег распуштањето на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, порача да не се мешаат во внатрешните работи ...

Изрази подготвеност да разговара со експерти, но и со амбасадорите за најавената реформа поврзана со Судскиот совет и со Советот на јавни обвинители. Премиерот Мицкоски им одговори на дел од дипломатите во земјава, кои искажаа противење на неговите најави за распуштање на овие тела квалификувајќи го тоа како мешање во судската власт.

Тој пак, во нивните изјави гледа практика на мешање на амбасадорите во внатрешните работи на државата и непочитување на фактот што за оваа влада гласале 600 илјади граѓани.

Мицкоски уверува дека доколку му предложат подобро решение ќе го прифати, но дека вака како што е веќе нема да може, затоа што не се казнуваат криминалците и корумпираните.

И амбасадорката на САД, Агелер, предупреди дека не смее да се дозволи никој да биде над законот. Евроамбасадорот Гир пак, порача дека не се согласува со идејата за распуштање на советите и академијата, туку тој како и претседателката на Судскиот совет, Дамева и претседателот на Здружението на судиите, Џолев побараа да биде вклучена судската власт.

 

 

Фиљана Кока