ДЗР

Ревизирски извештај за патиштата

04.07.2024 18:19

Низа неправилности во работењето на ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, констатира Државниот завод за ревизија. ЈП 12 години работи со блокирана сметка, а долговите се зголемуваат. Ревизија, забелешки има и за несоодветно чување на залихите со гориво и сол за зимско одржување, како и не осигурување на градежните објекти и средствата...

ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта се дави во долгови, 12 години работи со блокирана сметка, покажа ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија. На крајот на 2022 година сметката на ЈП е блокирана за долг од 663 милиони денари, а низ годините, како резултат на зголемена активност во делот на одржување на државни патишта, изградба на нови делници, зголемени трошоци за набавка на нафта, долговите растат.

„Со извршената ревизија како што претходно беше наведено утврдивме дека обврските по извршни решенија со кои е блокирана сметката на претпријатието со состојба на 31.12.2022 година изнесуваат приближно 663 милиони денари, што претставува за приближно 196 милиони денари поголем износ на обврски во однос на евидентираните во сметководствената евиденција на ЈП (околу 467 милиони денари“, соопштија од ДЗР.

Во извештајот е констатиран тренд на зголемување на обврските кон добавувачи ЗА одржување и заштита на државни патишта, И изградба на нови делници, зголемени трошоци за набавка на нафта и нафтени деривати.

Државна ревизија има забелешки за Секциите Струга и Охрид, не се обезбедени соодветни услови за безбедно чување на залихата на сол за зимското одржување на патиштата, со што залихите губат од физички својства, квалитет и се предизвикува отежнато користење. Со извршената ревизија констатирани се повеќе неправилности кои влијаат и на реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година.

 

Соња Рилковска