Европската комисија ги спасува бугарските банки
Одобрена итна кредитна линија вредна 1,7 милијарди евра наменета за подобрување на ликвидноста на бугарските банки

За стабилизирање на бугарскиот банкарски систем Европската комисија одобри итна кредитна линија вредна 1,7 милијарди евра наменета за подобрување на ликвидноста на домашните банки. Официјален Брисел смета дека бугарскиот банкарски систем е добро капитализиран и има високо ниво на ликвидност во споредба со другите земји членки, но е жртва на напади преку социјалните мрежи и со интернет пораки дека наводно банките влегле во финансиска криза и станале неликвидни.
Тоа предизвика паника меѓу штедачите и брзо повлекување на влоговите. Поради тоа супервизијата на Бугарската централна банка беше принудена да ја преземе управата врз „Корпоративно комерцијалната банка”, додека „Првата инвестициска банка“ за неколку часа загуби 400 милиони евра депозити и беше принудена да ги затвори шалтерите.
Полициската истрага резултираше со приведување на шест лица со криминално минато, инволвирани во нападите.Експертите сметаат дека овие активности насочени кон Валутниот борд и најголемите банки коинцидираат со одлуката на Владата за прекин на работите на гасоводот Јужен тек и се резултат на влијанието на различни руски и бугарски политички и бизнис групи.
Бугарската народна банка планира на 21 јули повторно да ја отвори „Корпоративно комерцијалната банка”. Доколку истрагата на ангажираните независни ревизори не резултира со позитивен извештај и препорака за спасување, тогаш монетарните власти ќе ја национализираат банката.
И покрај банкарските проблеми Бугарија успеа целосно да ја продаде емисијата на десет годишни владини обврзници вредни 1,49 милијарди евра со камата од само 2,95% годишно. Двојно поголемата побарувачка во однос на понудената емисија, според министерството за финансии е потврда на довербата во бугарскиот банкарски и монетарен систем, кој по 1997 година, кога експресно пропаднаа 14 банки, повторно се наоѓа пред сериозен предизвик.
Свето Николовски
