Лабуристите по 14 години повторно на власт, Кир Стармер нов премиер на Британија
Историски пораз на конзервативците на парламентарните избори. По 14 години власт, заминуваат во опозиција. Лабуристите, предводени од Кир Стармер освоија рекордни пратенички места. Новата влада ќе мора да се справи со финансиската криза, миграцијата и инфлацијата…

Крај на една ера. По 14 години на власт, конзервативците во Велика Британија заминуваат во опозиција. Лабуристите предводени од Кир Стармер убедливо победија на парламентарните избори. 61-годишниот Стармер е поранешен главен обвинител за Англија и Велс и лидер на Лабуристичката партија од април 2020-та година.
„Ви благодарам за одличниот резултат. Успеавме. Промените почнуваат сега. Чувството е одлично, морам да бидам искрен. Лабуристичката партија е подготвена да ги спроведе промените и да му служи на народот“, изјави Кир Стармер, иден премиер на Велика Британија.
Аналитичарите посочуваат дека не добила Лабуристичката партија, туку Конзервативците ја изгубиле довербата кај гласачите. Ториевците се казнети за кризата со трошоците за живот, години на нестабилност и внатрешни партиски состојби што придонесоа земјата да има петмина различни премиери од 2016 година.
„Лабуристичката партија победи на изборите. Им честитам на победата. Има многу за учење и размислување, а јас ја преземам одговорноста за загубата. На многуте, добри, вредни конзервативни кандидати кои изгубија и покрај нивните неуморни напори, жалам“, изјави Риши Сунак, премиер на Велика Британија.
Многу конзервативци од висок профил ги губат местата во парламентот, вклучувајќи ја и поранешната премиерка Лиз Трас. Шкотската национална партија исто така изгуби најголем дел од гласовите. Десничарските реформисти на Најџел Фараж за првпат влегуваат во парламентот, а местото го задржаа и проевропските либералдемократи.
„Она што е интересно е дека нема ентузијазам за лабуристите. Всушност, околу половина од гласовите се едноставно анти-конзервативни гласови“, Најџел Фараж, лидер на Реформи за Обединетото Кралство.
Трите приоритети на новата влада се економската стабилност, намалувањето на листите на чекање за здравствена заштита и формирањето на гранични безбедносни сили за справување со рекордното ниво на илегална миграција.
Маријана Димовска
