МНР

Македонија се подготвува за Самитот на НАТО во Вашингтон идната недела

05.07.2024 13:10

Македонија се подготвува за Самитот на НАТО во Вашингтон, кој ќе се одржи идната недела. Самитот се совпаѓа со 75-годишнината од основањето на Алијансата. Фокусот на разговорите ќе биде ставен на војните во Украина и Блискиот Исток, а ќе биде и прво заедничко присуство на премиерот Мицкоски со неговиот грчки колега Мицотакис...

Премиерот Мицкоски ќе учествува на Самитот на НАТО. Ова ќе биде прво заедничко присуство со неговиот грчкиот колега Мицотакис. Мицкоски во Вашингтон пристигнува со став-Преспанскиот договор е реалност, но и договорот е двонасочна улица“, со посебен акцент дека јужниот сосед заостанува во исполнувањето на нивниот дел од обврската.

Мицотакис пак, побрза да изјави дека Христијан Мицкоски ќе се најде во многу непријатна позиција во рамките на Самитот на НАТО доколку опстојува на неупотребата на новото уставно име на земјава за севкупна употреба.

Но ова нема да бидат единствените теми на претстојниот Самит. Во пресрет на одбележувањето на 75-годишнината од постоењето на Алијансата, шефот на дипломатијата Муцунски, организира работен појадок со амбасадорите на кој тој ја истакна важноста од продлабочување на соработката во справување на глобалните предизвици.

Министерот за надворешни работи ја повтори поддршката за Украина и изрази загриженост за состојбата во Босна и Херцеговина.

Муцунски посочи и дека нашата земја припаѓа на групата сојузници кои достигнале 2% од БДП за трошоци за одбраната.

 

Марина Стојанова - Тонева