Свет

Лавина реакции по мисијата на Орбан во Киев и Москва

05.07.2024 12:11

Приоритетната задача која си ја постави унгарскиот премиер Виктор Орбан за време шестмесечното претседавање со Европската унија е враќањето на мирот во Европа. Во Киев тој веќе имаше средба со претседателот Зеленски, претседателот Путин е следниот во агендата на средбите на Орбан. Турнејата на шефот на унгарската држава побуди негативни реакции меѓу челниците на европскиот блок. Полскиот премиер Туск со неверица ја прими информацијата, Орбан му возврати-нема мир доколку само седите во вашите удобни фотелји…

Билатералните посети на унгарскиот премиер на Киев и на Москва за примирје и за мировни преговори предизвикаа лавина реакции во европскиот блок. Претходниот претседател на советот, Мишел порача-Орбан нема мандат да се договара со Русија во име на Европа. Полскиот колега на Орбан, Туск со неверица ја прими веста за тет-а-тет средбата со Путин.

„Европското ротирачко претседавање нема мандат да се ангажира во преговори со Русија во име на ЕУ. Европскиот совет е јасен, Русија е агресор, Украина е жртва. Нема разговори за Украина без Украина“, вели Шарл Мишел-поранешен претседател на Европскиот совет.

„Има гласини за твојата посета на Русија, Виктор. Дали се само гласини?“, праша полскиот премиер Доналд Туск.

По критиките од Брисел, Орбан ги праша европските колеги кога мислат да го напуштат комфорот за спроведување вистинска мировна мисија.

„Нема мир доколку седите во удобните фотелји во Брисел. И без мандат на европското претседавање, не можеме да седиме настрана и да го чекаме волшебниот крај на војната. Нашата цел е да бидеме важна алатка за мир. Оттаму и оваа мировна мисија“, нагласи Виктор Орбан – премиер на Унгарија.

И претседателот Зеленски, ги потврди напорите за мировни преговори, не отстапувајќи од заштитата на целосноста на украинската држава. Шефот на Кремљ, Путин смета дека не смее да се злоупотребува примирјето за снабдување со оружје од западот.

„Зборувавме со Орбан за мировните преговори, за праведен, долготраен и чесен мир. Ова е добра подготовка за наредниот мировен самит“, нагласи Володимир Зеленски-претседател на Украина.

„Непријателот сака примирје за да се вооружи, да ја обнови армијата преку принудна мобилизација за да го продолжи оружениот конфликт. Мораме да добиеме гаранции за чекори кои се неповратни и прифатливи за Русија“, вели Владимир Путин-претседател на Русија.

Вашингтон во меѓувреме одобри нова пратка за воена помош на Киев во вредност од 2,3 милијарди долари. Светот ги трпи последиците од војната која трае речиси две и пол години.

Зоран Богатинов