Македонија

Ново рочиште за Мерко за незаконското назначување на директор

05.07.2024 12:56

Во струшкиот суд се одржа главната расправа против градоначалникот Рамиз Мерко за незаконско назначување на директор во основното училиште во Велешта. Во својство на сведок исказ даваше просветниот инспектор, кој во 2022 година на вонреден инспекциски надзор констатирал дека назначената директорка не ги исполнувала законските услови од Законот за основно образование. Немала уверение за положен испит, не поседувала сертификат за познавање на англиски јазик, немала 5 години работно искуство. Директорката која добила два мандати, била вработена со средно образование, таа се товари за фалсификување на дипломата...

Со распит на државниот просветен инспектор во својство на сведок, денес во Основниот суд Струга продолжи судскиот процес против градоначалникот Рамиз Мерко за незаконско назначување директори во училиштата. Четворицата обвинети, кои се товарат за две кривични дела фалсификување исправа и несовесно работење во службата, Рамиз Мерко, Егзона Шеи како в.д директор на училиштето во Велешта и уште две лица од школото се изјаснија дека не чувствуваат вина.

Просветниот инспектор на вонреден инспекциски надзор на 01.12.2022 утврдил дека именуваната директорка на школото не ги исполнувала условите, согласно Законот за основно образование, немала уверение за положен испит, не поседувала сертификат за познавање на англиски јазик, немала 5 години работно искуство. Директорката која добила два мандати, била вработена со средно образование, таа се товари за фалсификување на дипломата.

„Сведокот даде исказ согласно нејзините работни задачи што му се поставени и одговараше согласно законот. Постапката ја имаше извршено согласно законот. Сведокот беше повикан само за кривично правниот настан не да ја објаснува процедурата за договорите што ги склучила обвинетата со основното училиште“, изјави Џемал Лога, јавен обвинител.

Обвинителство побара приоритет на судскиот процес, но неизвесно е што ќе се случува после 05 септември, бидејќи му истекува мандатот на делегираниот судија.

„Мојот мандат истекува на 5-ти септември, меѓутоа се надевам дека има можност да биде продолжен, овде има предмети кои треба да се завршат најубаво би било тој што ги почнал да ги заврши и затоа јас ќе се обратам да можеме да имаме континуитет во предметите. Секако најпрво ќе треба да се чека официјална одлука дали ќе продолжам, доколку продолжам и овој и другиот медиумски предмет секако ќе добијат приоритет“, изјави Јордан Јванов, судија.

„Врз основа на досега изведените докази во текот на постапката, неспорно може да се заклучи дека сè уште не е завршена со решение постапката за надзор од страна на Државниот просветен инспекторат, а согласно Законот за просветна инспекција. Во услови кога не е завршена постапката за надзор која во најлош случај може да заврши со прекршочна одговорност доколку се утврди вина евентуалните сторители на прекршок“, смета адвокатот на Мерко.

Во основниот суд во Струга против струшкиот градоначалник се водат три процеси, два за незаконско назначување на директори во 4 училишта и еден за злоупотреба на службената положба при набавката на луксузниот автомобил.

 

Соња Рилковска