Јавен превоз

Приватните превозници продолжуваат со редуциран возен ред

05.07.2024 13:01

Иако ЈСП најави дека превозот на приватниците ќе продолжи непречено, сепак возачите не ги послушаа. Тие и натаму возат до 11 часот, бараат да им биде исплатен долгот. А јавното претпријатие вели дека динамиката за исплата веќе е договорена и прифатена. Граѓаните се жалат дека времето на чекање на јавен превоз е многу долго…

Нема крај на проблемите со јавниот превоз во метрополата. И додека институциите се без конкретен одговор дали и колку е долгот кон приватните превозници, граѓаните со часови чекаат на автобуските постојки. Неизвесно е дали скопјани ќе останат без приватен превоз.

Приватните автобуси продолжуваат да возат редуцирано. Ќе превезуваат патници додека не ја потрошат последната количина нафта.

Превозниците се жалат дека немаат земено пари од јануари. Велат дека со претходниот директор на ЈСП се договориле долгот да се исплати на рати, но набрзо потоа тој бил разрешен. Челниците на приватниот превоз имале средба со новиот директор на претпријатието, но не е постигнат договор. Во меѓувреме автобуските постојки се полнат, се чека и со часови.

Доколку приватните превозници решат да прекинат да возат, од ЈСП најавија соодветни тужби, бидејќи договорот ги обврзувал превозниците да ги возат автобусите.

 

Ана Јосифоска - Тодоровска