Образование

Годинешната просечна оценка на матурата е 3,25

05.07.2024 14:36

Годинешната просечна оценка на матурата е 3,25 и е пониска од претходно. Но надлежните сметаат дека таа е одлична во однос на објективноста. Министерството за образование за идната година најави дека ќе бидат обезбедени поголеми простории за полагање, но и блокатори за мобилните телефони, за да се стави крај на препишувањето...

3,25 е просечната оценка на 14.838 ученици кои полагаа државна матура, според објавените резултати од Државниот испитен центар. 268 тестови во 54 училишта се поништени со повторна можност за полагање на учениците во август, како и за оние кои не се задоволни од резултатите.

Од идната година министерката Јаневска најави дека ќе бидат поставени блокатори за мобилни телефони во просториите каде што ќе се одвива полагањето, за да се спречи препишувањето.

Законите за основно и средно образование се повлечени од собраниска процедура и се работи на уредување на законските регулативи.

 

Александра Велинова