Велика Британија

Денеска прва седница на новата британска влада на Кир Стармер

06.07.2024 11:40

Новиот премиер на Велика Британија, Кир Стармер претседаваше со првиот состанок на неговиот кабинет по историската победа на лабуристичката партија на изборите во четвртокот. Тој ги именуваше членовите на својот кабинет. За првпат, по 800-ни години на чело на министерството за финансии застанува жена. Стармер вети изградба на државата...

Прва седница на новата влада на Британија по историската победа на лабуристите. Премиерот Стармер, кој претходно во својот говор вети сериозни промени и обнова на земјата, и официјално почна со работа. Додека конзервативците закрепнуваат од поразот, лабуристите ги чека трнлив пат. Новиот британски премиер ќе мора силно да се бори да ги исполни очекувањата за брза промена од длабоко фрустрираното гласачко тело-велат аналитичарите.

„Во првите сто дена Стармер веројатно ќе има некои амбициозни потези. Првиот голем приоритет ќе биде надворешната политика. Но, најголем предизвик за оваа влада се всушност доста високите очекувања на народот. Оваа земја е прилично болна и уморна од влијанијата на 14-годишните политики на штедење. Ќе има зголемени очекувања за Стармер, кои ќе биде тешко да се исполнат“, изјави Лиза Батлер, британска аналитичарка.

Британците со измешани чувства и поделени мислења.

„Навистина е добро да почувствувате нешто поинаку во воздухот. Многу долго имавме конзервативен парламент и помладите некако се чувствуваа безнадежно“.

„Разочарани сме што победија лабуристите, мојата главна грижа е зголемувањето на даноците“.

„Најдоброто нешто што се случило. Ослободете се од ториевците. 14 години-на луѓето им е доста“.

Во безмилосната британската политика, Стармер ќе мора да ја оправда довербата на гласачите враќајќи ја меѓународната репутација на Британија, докажувајќи дека владеењето на лабуристичката партија се заснова на стабилност и здрав фискален менаџмент.

 

Бојана Крстевски