Синдикатот бара минималецот да скокне на 450 евра
Сојузот на синдикати на Македонија од новата Влада во првите 100 дена бара зголемување на минималната плата на 450 евра. Премиерот Мицкоски и министерот за економија подготвени за дијалог. За работодавачите ваквото барање е неприфатливо...

Синдикатите бараат ново зголемување на минималната плата на 450 евра. И покрај тоа што премиерот Мицкоски вели дека претходното раководство ја уништило државната каса и затоа треба да ги пуштиме нозете колку што ни е долга чергата, од ССМ предупредуваат дека трошоците за живот растат и работниците едвај преживуваат.
Работодавачите, пак, децидни – нема простор за вонредно покачување на минималецот без притоа да се создаде урамниловка. Повикуваат да се почитува законот, а минималецот да расте според трошоците за живот и просечната плата.
„Сметам дека секое покачување на минимална плата надвор од овие предизвици предизвикува еден вид урамноловка помеѓу неколку категории работници и дестимулација на добрите работници“, изјави Ангел Димитров, Организација на работодавачи на Македонија.
Од СДСМ го поддржаа барањето на ССМ за раст на минималната плата и побараа од Владата ова прашање да è биде приоритет.
„Не станува збор за тоа колку е долга чергата, туку колку покачувањето на минималната плата е приоритет за оваа Влада. СДСМ обезбедуваше пари за плати во време на најголемите економски и здравствени кризи. ВМРО-ДПМНЕ единствено бара изговори за да ја смени политиката на покачување на платите“, велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека наследиле катастрофална ситуација.
Прашањето за минималецот ќе се разгледува на следниот Социо-економскиот совет.
Вредноста на минималната синдикална кошничка надмина 1.000 евра, велат синдикатите. Најмногу пари се трошат за храна и пијалаци, односно над 22.000 денари, пари што граѓаните се помалку ги имаат.
Борис Грујоски
