Идните бруцоши пред одлука каде да го продолжат образованието
Идните бруцоши пред одлука на кој факултет да се запишат. Дел сè уште не решиле. Разрешување на дилемата побараа на денешниот Саем на универзитети...

Идните бруцоши пред одлука за својата кариера. Дел веќе одлучиле за идната професија, други се двоумат. На саемот на универзитети се запознаа со студиските програми, идните професори и можностите што ги нудат државните универзитети. Најголем интерес за информатиката и медицината.
„Ме интересира информатиката, програмирањето и ФИНКИ го гледам како најдобро училиште за мене“.
„Доктор секогаш е една од најпросперитетните професии, а и да продолжам по стапките на моите родители“.
„Ме привлекуваат природните науки и сметам доколку го правиме тоа што го сакаме ќе бидеме успешни и затоа е важно да избереме нешто што не исполнува, не само да го завршиме факултетот што ќе го одбереме“.
„Секогаш ме привлекувале математика, физика, програмирање и мислам дека тоа е област каде што може многу да се напредува и цело време да се надградува. Технологијата сепак е нашата иднина“.
Сегашните студенти им пренесоа искуства за можностите за студирање. Помагаше и наставниот кадар за идните бруцоши да донесат правилна кариерна одлука.
„Се соочуваме со одлив на медицински кадар од нашата држава и се надеваме дека со условите и образованието што го нуди Медицинскиот факултет ќе ги задржиме младите кадри во Македонија“, изјави Јулија Живановиќ, продекан за настава на Медицински факултет.
„Интересот доаѓа со развојот на технологијата и информатиката, се надевам дека ќе продолжи така и понатаму“, изјави Јована Добрева, ФИНКИ.
„Нема невработен фармацевт, секој што завршил магистер по фармација или слично е вработен“, изјави Бојан Ѓоргиев, Фармацевтски факултет.
„Напредните технологии се апсолутно насоки кои се обработуваат кај нас на факултет“, изјави Маја Целевска-Крстевска, ФЕИТ.
На саемот учествуваа 30-тина факултети.
„Сакаме да им помогнеме на средношколците кои сè уште не донеле одлука каде ќе го продолжат своето образование или не се сигурни дали го направиле вистинскиот избор и се двоумат. Ќе добијат совети и насоки за кариерата од професионални лица“, изјави Гоше Николов, организатор на Саемот на универзитети.
На најстариот државен Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ годинава има над 10 илјади слободни места. Првиот уписен рок е на крајот на август, вториот во првата половина на септември.
Андријана Ѓурческа
