Израел

Протести во Израел на 9 месеци од војната со Хамас

07.07.2024 11:31

Во Израел демонстрации на 9 месеци од војната со Хамас. Побараа избори и одговорност од премиерот Нетанјаху. Израел и Хамас со посредници преговараат, но договор за прекин на огнот сè уште нема.

Девет месечнината од војната во Газа, Израел ја минува во знак на протести. Над илјада црно-жолти балони го прекрија небото на југот од земјата. Демонстрантите бараат итни избори и ослободување на заложниците.

„Секој црн балон е име на некоја жртва, а жолт е некој што сè уште не се вратил од заложништво“.

„Тука сме да се потсетиме на оние кои имаа помалку среќа од мене, и на катастрофалното напуштање на нашите заедници од страна на Владата. Поминаа девет месеци и сè уште никој во нашата влада не презема одговорност“.

„Нетанјаху се грижи само за себе, но не и за својата земја и заложниците. Сега има договор и тој им го дава на десничарите-малцинството во владата, да го контролираат“.

Антивладините демонстранти ги блокираа и главните автопатишта. Илјадници луѓе и на улиците во Тел Авив откако Хамас го одобри американскиот предлог за фазен договор за прекин на огнот отфрлајќи го клучното барање-Израел да се обврзе на траен прекин, пред да се потпише договорот.

„Сакам да верувам дека овој пат ќе се постигне договор“.

„По договорот, Израел да оди на избори. Време е повторно да се воспостави довербата меѓу народот и Владата“.

Очигледниот компромис од страна на милитантната група може да ја донесе првата пауза во борбите од ноември и да постави рамка за ставање крај на војната. Но, надвор од дипломатските рамки се чини дека таа се разгорува. Кампот Нусејрат повторно на удар, погодена и општинската зграда во јужен Кан Јунис. На северот пак, гладта царува. Интензивните борби ја отежнуваат доставата на храна.

„Ситуацијата е трагична во секоја смисла на зборот. Се врати гладот, истото сценарио“, рече раселен Палестинец.

„Старите умираат, младите не можат да одат од изгладнетост. Поминаа девет месеци, на никој не му е грижа. Уште колку треба да страдаме? И да имавме пари, нема стока, и мачките и кучињата изумреа“, вели раселен Палестинец.

Тензично и на фронтот со Хезболах. Израел ги интензивира нападите на границата со Либан која принуди раселување на голем број луѓе.

 

Бојана Крстевски