Очите на светот вперени кон Франција, се гласа во вториот круг од парламентарните избори
Очите на Европа и светот вперени кон Франција, каде што се одржува вториот круг од парламентарните избори. Се очекува победа на крајната десница на Марин Ле Пен, којашто според анкетите, сепак, ќе нема апсолутно мнозинство. Блокот на Макрон падна на трето место, зад левичарите...

Французите денеска по третпат гласаат за нешто помалку од еден месец, овој пат на вториот круг на предвремените парламентарни избори, одлучени, неочекувано, од претседателот Емануел Макрон. Тој сакаше да му даде „глас на народот“. Така денес се очекува 49 милиони гласачи да се мобилизираат масовно на гласањето.
По изборот на 76 пратеници во првиот круг, в недела, на 30-ту јуни, остануваат да се пополнат 501 место во Националното собрание, додека во игра сè уште 1.094 кандидати.
Во изборните единици каде што се кандидати гласачите ќе одлучуваат меѓу 410 дуели, 89 триаголни и 2 четириаголни конфронтации.
Еве што забележавме пред две избирачки места во Нанси, од каде ги следиме овие парламентарни избори.
„Важно е да се гласа, бидејќи ако не гласаме другите ќе зборуваат на наше место“.
„И за да ги браниме нашите права“.
„Очекувам големо учество, мислам дека тоа е многу важен демократски чин. Кога има голема мобилизација, тоа е суштинско. Очекувам да бидат земени предвид влоговите за земјата. Да се зачува демократијата, поголема куповна моќ за сите, за целата земја, како и да се дејствува за влоговите на земјата со јавните служби, кои од пред повеќе години се во опасност“.
„Моето најголемо очекување од изборите е да останам горда дека сум Французинка. Затоа е важно да се мобилизираме денес. Јас лично и многу од моите блиски добивме голема шлаканица кога го видовме високиот резултат на крајната десница. Денеска се мобилизираме и силно стискаме палци“, велат гласачи.
Периодот меѓу двата круга беше обележан со бројни повлекувања од левичарските кандидати и претседателската коалиција, во суштина со цел да го блокираат патот на крајно десничарскиот Национален собир. Ова објаснува зошто на крајот ќе има помалку од 90 триаголни избори, додека повеќе од 300 беа можни вечерта на првиот круг.
Резултат на тоа, во 197 изборни единици првично во триаголна или четириаголна ситуација, кандидатите на Националниот собир и нејзините сојузници сега се во ситуација на дуел. Конфигурација која ќе биде понеповолна за нив, под услов другите кандидати да имаат корист од доброто пренесување гласови по повлекувањата што се случија оваа недела. Претседателското мнозинство се покажа поделено околу инструкциите за гласање, ако премиерот Атал повика да се попречи патот на крајната десница, претседателот Макрон сè уште ги става крајната десница и Новиот народен Фронт на левицата на исто рамниште.
Од Трст дојде и порака од папата Франциско, кој предупреди на „идеолошките и популистичките искушенија. Идеологиите се привлечни. Некои ги споредуваат со оној што свиреше на флејта во Хамелин. Тие заведуваат, но ве наведуваат да се одречете од себеси“, подвлече тој правејќи паралела со германската приказна.
Дали учеството ќе биде исто толку важно, или уште поважно, во вториот круг, кога добар дел од Французите заминаа на летен одмор, е прашањето кое ќе влијае на резултатите. За време на последните законодавни избори во 2022 година, тоа падна за 1,3 поени помеѓу првиот и вториот круг. Од друга страна, за време на последните законодавни избори предизвикани со распуштање на Националното собрание, во 1997 година, тој се зголеми за 3,2 поена. Сите проекции даваат победа на крајната десница, но најверојатно без апсолутно мнозинство, што може да доведе до нова политичка криза.
Се стравува и од нереди, париската префектура ги забрани најавените демонстрации на антифашистите пред Националното собрание, закажани за вечерва во 20 часот, кога ќе бидат познати првите резултати, а мобилизирани се околу 30.000 припадници на силите на редот низ цела Франција, од кои дури 5.000 во Париз.
Тони Гламчевски
