Самит на НАТО

Мицкоски и министерска тројка на НАТО Самитот во Вашингтон, најавени бројни средби

07.07.2024 17:20

Од вторник до четврток во Вашингтон се одржува самитот на НАТО. Клучни теми – зајакнување на одбраната и на политиката за одвраќање, поддршка за Украина и глобалните партнерства на сојузот. Македонската делегација ја предводи премиерот Мицкоски, со кого се и министрите Муцунски, Мисајловски и Тошковски. Постои можност за средба со грчкиот премиер Мицотакис, откако Атина го отвори прашањето за почитувањето на Преспанскиот договор.

Премиерот Христијан Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот на НАТО во Вашингтон. Тој е придружуван од министрите за надворешни, за одбрана и за внатрешни работи, Муцунски, Мисајловски и Тошковски. Од Владата потврдија низа состаноци со шефови на држави или влади. Мицкоски ќе присуствува на состаноците на северноатлантскиот совет, како и на вечера во Белата куќа.

„Посетата на премиерот Мицкоски има за цел да ги зајакне билатералните односи со САД, да ја афирмира Македонија како стабилен партнер и да ги промовира економските можности на нашата земја пред американските инвеститори“, стои во соопштението од Владата.

Во најава е и можна средба на Мицкоски со грчкиот премиер Мицотакис, откако Атина најави дека ќе го отвори прашањето за почитување на Договорот од Преспа од македонската Влада.

Улогата на НАТО во Македонија покажува дека алијансата сега е „поважна од кога било“, вели амбасадорот Нано Ружин во пресрет на самитот во Вашингтон. Според него, членството во НАТО мора да се заслужи, а тоа Македонија го направи со исполнување на условите кои освен модерна одбрана, подразбираат и политичка стабилност во земјата.

На маса на Самитот во Вашингтон се неколку клучни теми: одбрана и безбедноста на Алијанасата, политиката на одвраќање, долгорочната поддршка за Украина и глобалните партнерства на Сојузот. Алијансата одбележува 75 години постоење.

 

 

Борис Грујоски