Вашингтон

НАТО Самит во време на светски предизвици

08.07.2024 09:51

Изборите во Европа и промената на политичката структура ги менува приоритети на големите земји-членки на НАТО. Според експерти, 75-годишнината, нема да биде славеничка особено поради конфликтот на Блискиот Исток, војната во Украина и зголемените тензии во Индо-Пацификот. Дополнителен товар се и изборите во САД во ноември. Претседателот Бајден вели, сите очи се вперени во Америка …

Во време на промени на политичката слика во Европа и претстојните избори во САД, НАТО Самит во Вашингтон. Главните сојузници, Франција, Германија и Велика Британија се соочија изминатиов период со политички пресврт и сосема поинаков поглед кон иднината.

„Помислете на војната во Украина, во која Русите остваруваат мали придобивки додека зборуваме. Помислете на насилството што можеби ескалира на Блискиот Исток. Помислете на зголемената воинственост на Кина. Ова создава многу сериозен контекст за сојузничките дискусии“, изјави Иан Бежински, поранешен заменик секретар за одбрана за Европа и политика на НАТО.

Експерти прогнозираат дека 75-годишнината нема да биде славеничка особено поради конфликтот на Блискиот Исток, војната во Украина и зголемените тензии во Индо-Пацификот. Се верува дека идниот успех на Алијансата во голема мера ќе се заснова на тоа колку ефикасно НАТО го поддржува Киев којшто претендира да стане новата земја-членка.

„Има многу неизвесност на овој Самит. Џо Бајден е домаќин, имаше лоша ноќ на дебатата, а за него има и повици да се тргне настрана. Францускиот претседател Макрон ќе дојде на овој самит во многу ослабена состојба, откако ги распиша предвремените избори. Имавме избори во Обединетото Кралство и нов премиер“, изјави Џејмс Голдџиер, проф. по меѓународни односи на Американски универзитет.

Земјите-членки се загрижени дека кандидатот за реизбор за шеф на Белата куќа, Трамп, остро зборува за Алијансата. Домаќинот на 75-годишнината Бајден, вели дека во моментов сите очи се вперени кон САД.

„Ќе бидам домаќин на нациите на НАТО во Вашингтон. Светот гледа кон нас, не е шега. Светот гледа кон Америка, не да го носи нивниот товар, туку да ги води нивните надежи“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Од први октомври, НАТО добива нов Генерален секретар. На чело на најсилната воена Алијанса доаѓа поранешниот холандски премиер Марк Руте, на местото на досегашниот Јенс Столтенберг.

 

Маријана Димовска