Свет

Изненадување на изборите во Франција

08.07.2024 09:57

Французите приредија изненадување. Се случи мобилизација на гласачите, особено на симпатизерите на левицата. Републиканскиот фронт функционираше, по четврти пат од 2002-ра, за да се попречи патот на крајната десница, но за прв пат за Националното собрание…

Французите приредија изненадување од урните, добитната тројка на институтите за испитување на јавното мислење се покажа неточна. Се случи мобилизација на гласачите, особено на симпатизерите на левицата. Републиканскиот фронт функционираше, по четврти пат од 2002-ра, за да му се попречи патот на крајната десница, но за прв пат за Националното собрание.

Французите очигледно не сакаа со нивната земја да раководи Националниот собир на Марин Ле Пен, која заедно со Џордан Бардела, вчера добија шлаканица, гледајќи се веќе како раководат со Франција. На некој начин, Франција ја знае тајната за политички пресврти, на големо олеснување на земјите членки на ЕУ, особено на соседна Германија, која исто така не е поштедена од јакнењето на крајната десница.

Франција поделена во три блока

Според последните резултатите дадени од МВР, Новиот народен фронт освојува 182 пратенички места, Заедно-партијата на Макронистите 168 седишта, Националниот собир на Марин Ле Пен 143, Републиканците 45, другите партии од десницата 15, левицата 13 седишта, центарот 6 седишта, регионалистите 4 и едно пратеничко места за независните.

Високата стапка на учество на изборите 66,63 отсто, и покрај летниот период и училишниот распуст, ја илустрира важноста на гласањето.

Макрон посакуваше појаснување на политичката ситуација по овие избори, неговата желба остана неисполнета. Франција остана поделена во три блока, во која сепак десницата и крајната десница се најсилното струење, но Макрон со оглед на релативната победа на Новиот народен фронт ќе треба да му понуди да создаде влада, со оглед дека премерот Габриел Атал, изутринава треба да поднесе оставка.

Не се очекува брзо создавање на Влада

Но, предизборните ветувања на Народниот фронт се против досегашната политика на Макрон, односно укинување на оспоруваната пензиска реформа, олеснување на имиграциската политика. Франција ќе треба да го научи тоа што не го знае – да владее со коалиции што е стара практика во Германија. Всушност, Франција во моментов е невозможна за управување. Не би требало да очекуваме брзо создавање на Влада, а треба да се знае дека францускиот устав не дава рокови за тоа.

И покрај горчливиот пораз, претседателските трупи ги примија резултатите со одредено олеснување, потпомогнати од меѓусебните повлекувања со левицата, во име на анти-националниот собир „Републикански фронт“.

Според полициски извори, во текот на вечерта полицијата била нападната и била под оган од огномети и проектили. Полицијата интервенира за да се стави крај на акцијата на неколку десетици лица кои сочинуваат ризични групи и се обидуваат да направат штета. Според нашите информации, имало неколку апсења.

Се разбира симпатизерите на Националниот собир зборуваат за конфискувани избори.

Тони Гламчевски