Македонската филхармонија ќе го отвори „Охридско лето“ со ѕвездата Џулијан Рахлин
На 12-ти јули во прекрасното здание на Античкиот театар во 21 часот, заедно со оркестарот на Филхармонијата ќе настапи светската музичка ѕвезда, виолинистот Џулијан Рахлин, кој наедно ќе се претстави и како диригент.

НУ Филхармонија на РСМ ќе учествува на овогодишното свечено отворање на фестивалот „Охридско лето“. На 12-ти јули во прекрасното здание на Античкиот театар во 21 часот, заедно со оркестарот на Филхармонијата ќе настапи светската музичка ѕвезда, виолинистот Џулијан Рахлин, кој наедно ќе се претстави и како диригент.
На програмата се познатиот Концерт за виолина и оркестар во e-moll оп. 64 од германскиот композитор Феликс Менделсон, како и класичната Увертира-фантазија „Ромео и Јулија“ од рускиот композитор Петар Илич Чајковски.
Џулијан Рахлин инаку, за првпат настапи со Македонската филхармонија во 2017 година, на Божиќен концерт кој се одржа на 7-ми јануари напладне.
Виртуозот на виолина Џулијан Рахлин е музички раководител на Симфонискиот оркестар на Ерусалим, шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Кристиансанд и прв гостин-диригент на Филхармонискиот оркестар во Турку. Над 30 години неговата кариера го носи на сите светски меридијани како диригент, солист, камерен музичар, педагог и уметнички раководител. Снимките кои критиката ги оценува како исклучителни, ги издаваат на носачи на звук престижните издавачки куќи „Дојче Грамофон“, „Сони Класикал“ и „Ворнер Класикс“.
Годинава, Македонската филхармонија одбележува 80 години од постоењето под мотото – 80 години љубов.
