Дипломатија

Фрчковски најави повлекување од функцијата, ги демантира сите обвинувања кон него

08.07.2024 12:19

Откако македонскиот амбасадор во Обединетите нации, Љубомир Фрчкоски е повикан на консултации во Министерството за надворешни работи, најавува повлекување од функцијата а наводите за злоупотреба на службената картичка за авионски билети и непочитување на насоките давани од поранешниот шеф на дипломатијата Османи, Фрчковски ги нарекува лаги. Тој повикува да се направи ревизија на мисијата и да се утврди состојбата во целокупното работење...

Македонскиот амбасадор во Обединетите нации ќе се повлече од функцијата откако ќе му заврши боледувањето. Фрчкоски преку соопштение вели дека за него тоа не претставувало проблем кога како што вели не е погоден на идеологијата на новите власти. Ги нарече лаги информациите објавени во некои медиуми дека добил пари за сукцесија на објектот на поранешна СФРЈ во Њујорк и дека правел финансиски малверзации и непостапувал по добиени насоки. Тој бара МНР да направи ревизија во мисијата која ќе ја утврди состојбата во целокупното работење.

„Да потсетиме конструкциите се однесуваа на тврдењата дека амбасадорот со тогашниот премиер прави матни зделки со тие пари и не ги внесува во буџетот каде законски припаѓаат. За тие тврдења кои сега, независно од аргументираниот демант од Бујар Османи, повторно се јавуваат, мисијата ги објавува следните документи (јавни исправи) од уплати на тие пари од сукцесијата во буџетот во три наврати – со што целосно се демантираат тврдењата на МНР“, се вели во соопштението од Фрчковски.

Фрчкоски како срамна и мизерна ја оцени и забелешката на службите на Министерството за надворешни дека ја злоупотребил службената картичка за авионски карти кон Македонија.

„Амбасадорот имаше итна медицинска интервенција во Македонија и беше на погребот на својот починат брат – ненадејни настани кои го примораа привремено да искористи пари од мисијата за авиобилет, кои секако деновиве ги надомести од свои приватни средства. Што повеќе да се каже?“, стои во демантот на Фрчковски.

Фрчкоски беше поставен за амбасадор во седиштето на Обединетите нации пред две години, а во Њујорк замина со указ потпишан од поранешниот претседател Пендаровски. Претходно надлежните институции ја прекинаа постапката за негово назначување за амбасадор во САД.

Освен Фрчкоски на консултации во МНР повикани се и амбасадорите во Албанија и Италија. Данчо Марковски е повикан поради скандалозните резултати на пописот, а Весел Мемеди доаѓа од Рим за Скопје на консултации за неговиот самостоен и некоординиран повик за употреба на пасошите со новото уставно име.

 

Викторија Милевска